Општинското основно училиште „Братство Единство“ – Охрид постои повеќе од шест децении, уште од далечната 1950 год. и е единствено мултиетничко училиште во општината и меѓу четирите училишта во Република Македонија – Модел училиште за мултиетничка интеграција во образованието.
Во училиштето како установа од јавен интерес за образование и воспитание наставата се одвива на 3 наставни јазици: македонски, албански и турски јазик и е вистински пример за меѓуетничка толеранција со јасно поставени цели. Целите се во согласност со целите на државната и локалната политика. Образованието во XXI век се наоѓа пред потребата од промени ако се имаат во предвид современите светски трендови во образованието како одговор на крупните општествено-економски промени и брзиот техничко-технолошки развој во светот и применувањето на современите откритија во секојдневниот живот, како и промената на улогата на образовните институции.
Денес во ерата на компјутеризацијата и неограничените можности на интернетот многу е важно ученикот да научи како да учи и самиот да ги развива сопствените способности.

