ПОВИК ЗА ИЗБОР НА УЧЕНИЧКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ И ЗАМЕНИЦИ

ПОВИК ЗА ИЗБОР НА УЧЕНИЧКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ И ЗАМЕНИЦИ

Согласно член 68, став 8 од Законот за основното образование, во училиштето се избира ученички правобранител, чија основна улога е да се грижи за заштита и унапредување на правата на учениците во училиштето.

Ученичкиот правобранител претставува ученичка функција и должност која овозможува активно учество на учениците во училиштето и придонесува кон создавање училишна средина во која се почитуваат, промовираат и заштитуваат детските права.

Со цел да се обезбеди поголема вклученост на учениците од различни одделенија, покрај ученички правобранител ќе се изберат и најмалку двајца заменици на ученичкиот правобранител.

1. ПРОМОВИРАЊЕ НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА

Ученичкиот правобранител и неговите заменици ќе учествуваат во активности насочени кон информирање и подигнување на свеста кај учениците за нивните права и одговорности.

Во рамки на оваа улога, ученичкиот правобранител и неговите заменици можат да:

o    организираат и учествуваат во активности за промовирање на детските права;

o    информираат ученици за нивните права и начинот на нивно остварување;

o    иницираат ученички активности поврзани со заштитата на детските права;

o    учествуваат во одбележување на значајни датуми поврзани со правата на децата;

o    поттикнуваат меѓусебно почитување, еднаквост, толеранција и недискриминација;

o    соработуваат со ученичкиот парламент, стручната служба и други училишни тела.

Ученичкиот правобранител подготвува полугодишен и годишен извештај, во кој ги сумира реализираните активности, поднесените поплаки и согледаните состојби поврзани со почитувањето и заштитата на правата на учениците.

2. ПОДДРШКА ВО ЗАШТИТАТА НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА

Ученичкиот правобранител и неговите заменици имаат задача да им овозможат на учениците да бидат информирани за нивните права и за начините на кои можат да побараат поддршка доколку сметаат дека нивните права се повредени.

 Во рамки на оваа задача, ученичкиот правобранител:

o    ги слуша и препознава поплаките и проблемите на учениците поврзани со остварувањето и заштитата на нивните права;

o    ги упатува учениците до стручната служба кога е потребна стручна помош и поддршка;

o    доставува приговори и информации до надлежните училишни структури, согласно процедурите и надлежностите;

o    соработува со стручната служба на училиштето;

o    учествува на состаноци со стручната служба кога се разгледуваат прашања поврзани со правата и благосостојбата на учениците;

o    може да учествува во работата на ученичкиот парламент и други училишни тела кога се разгледуваат прашања од интерес за учениците;

o    придонесува кон препознавање на ситуации во кои може да постои повреда на правата на учениците и нивно навремено упатување до надлежните лица.

Ученичкиот правобранител и неговите заменици не донесуваат одлуки наместо стручната служба, директорот или другите надлежни органи, туку имаат улога на поддршка, информирање, застапување и упатување на учениците до соодветните служби и органи.

3. МАНДАТ НА УЧЕНИЧКИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

Мандатот на ученичкиот правобранител и неговите заменици трае 2 години, освен доколку за ученички правобранител е избран ученик од деветто одделение, во кој случај мандатот трае една година.

По завршувањето на мандатот се распишува нов повик за избор.

Доколку за време на мандатот ученичкиот правобранител не е во можност да продолжи со извршувањето на своите активности, од оправдани причини, неговите обврски ги презема еден од избраните заменици, согласно одлуката на комисијата за избор и/или директорот на училиштето, до завршување на редовниот мандат.

Доколку и замениците не се во можност да ги извршуваат своите обврски, се распишува нов, предвремен избор.

По завршувањето на мандатот, училиштето му доделува сертификат за успешно извршување на функцијата ученички правобранител/заменик на ученичкиот правобранител.

4. КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ?

За ученички правобранител може да се пријават ученици од VIII и IX одделение.

За заменици на ученичкиот правобранител може да се пријават ученици од VII, VIII и IX одделение.

Од кандидатите се очекува:

o    да ги почитуваат правата на сите ученици;

o    да бидат одговорни и совесни;

o    да имаат развиено чувство за праведност и еднаквост;

o    да умеат да слушаат и да комуницираат со своите врсници;

o    да покажуваат интерес за ученичко учество и иницијативност;

o    да бидат подготвени да соработуваат со ученичкиот парламент, стручната служба и другите училишни структури;

o    да ја почитуваат доверливоста на информациите што ќе ги добијат во рамки на својата функција.

5. НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните кандидати треба да достават:

1.      пополнет формулар за кандидатура, и

2.      мотивационо писмо,

до стручната служба на ООУ „Братство Единство“ – Охрид.

Пријавите треба да се достават најдоцна до 15.10.2026 година.

Формуларите за пријавување ќе им бидат достапни на заинтересираните ученици преку училиштето.

По спроведувањето на постапката за избор, избраниот ученички правобранител и неговите заменици потпишуваат изјава за одговорност и почитување на обврските при спроведувањето на активностите во рамки на својот мандат.

Изборот на ученички правобранител и заменици има за цел да обезбеди активно учество на учениците во креирањето на безбедна, инклузивна, демократска и поддржувачка училишна средина во која секое дете ги знае, ги ужива и ги штити своите права.

ООУ „Братство Единство“ – Охрид                                                                                                        Одговорно лице:

Сара Томовска
стручен соработник – лиценциран психолог

Дел. бр. 08-741/2

Од 07.10.2026