ПОВИК ЗА ИЗБОР НА УЧЕНИЧКИ ПРАВОБРАНИТЕЛ И ЗАМЕНИЦИ
Согласно член 68, став 8 од Законот за основното образование, во училиштето се избира ученички правобранител, чија основна улога е да се грижи за заштита и унапредување на правата на учениците во училиштето.
Ученичкиот правобранител претставува ученичка функција и должност која овозможува активно учество на учениците во училиштето и придонесува кон создавање училишна средина во која се почитуваат, промовираат и заштитуваат детските права.
Со цел да се обезбеди поголема вклученост на учениците од различни одделенија, покрај ученички правобранител ќе се изберат и најмалку двајца заменици на ученичкиот правобранител.
1. ПРОМОВИРАЊЕ НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА
Ученичкиот правобранител и неговите заменици ќе учествуваат во активности насочени кон информирање и подигнување на свеста кај учениците за нивните права и одговорности.
Во рамки на оваа улога, ученичкиот правобранител и неговите заменици можат да:
o организираат и учествуваат во активности за промовирање на детските права;
o информираат ученици за нивните права и начинот на нивно остварување;
o иницираат ученички активности поврзани со заштитата на детските права;
o учествуваат во одбележување на значајни датуми поврзани со правата на децата;
o поттикнуваат меѓусебно почитување, еднаквост, толеранција и недискриминација;
o соработуваат со ученичкиот парламент, стручната служба и други училишни тела.
Ученичкиот правобранител подготвува полугодишен и годишен извештај, во кој ги сумира реализираните активности, поднесените поплаки и согледаните состојби поврзани со почитувањето и заштитата на правата на учениците.
2. ПОДДРШКА ВО ЗАШТИТАТА НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА
Ученичкиот правобранител и неговите заменици имаат задача да им овозможат на учениците да бидат информирани за нивните права и за начините на кои можат да побараат поддршка доколку сметаат дека нивните права се повредени.
Во рамки на оваа задача, ученичкиот правобранител:
o ги слуша и препознава поплаките и проблемите на учениците поврзани со остварувањето и заштитата на нивните права;
o ги упатува учениците до стручната служба кога е потребна стручна помош и поддршка;
o доставува приговори и информации до надлежните училишни структури, согласно процедурите и надлежностите;
o соработува со стручната служба на училиштето;
o учествува на состаноци со стручната служба кога се разгледуваат прашања поврзани со правата и благосостојбата на учениците;
o може да учествува во работата на ученичкиот парламент и други училишни тела кога се разгледуваат прашања од интерес за учениците;
o придонесува кон препознавање на ситуации во кои може да постои повреда на правата на учениците и нивно навремено упатување до надлежните лица.
Ученичкиот правобранител и неговите заменици не донесуваат одлуки наместо стручната служба, директорот или другите надлежни органи, туку имаат улога на поддршка, информирање, застапување и упатување на учениците до соодветните служби и органи.
3. МАНДАТ НА УЧЕНИЧКИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Мандатот на ученичкиот правобранител и неговите заменици трае 2 години, освен доколку за ученички правобранител е избран ученик од деветто одделение, во кој случај мандатот трае една година.
По завршувањето на мандатот се распишува нов повик за избор.
Доколку за време на мандатот ученичкиот правобранител не е во можност да продолжи со извршувањето на своите активности, од оправдани причини, неговите обврски ги презема еден од избраните заменици, согласно одлуката на комисијата за избор и/или директорот на училиштето, до завршување на редовниот мандат.
Доколку и замениците не се во можност да ги извршуваат своите обврски, се распишува нов, предвремен избор.
По завршувањето на мандатот, училиштето му доделува сертификат за успешно извршување на функцијата ученички правобранител/заменик на ученичкиот правобранител.
4. КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ?
За ученички правобранител може да се пријават ученици од VIII и IX одделение.
За заменици на ученичкиот правобранител може да се пријават ученици од VII, VIII и IX одделение.
Од кандидатите се очекува:
o да ги почитуваат правата на сите ученици;
o да бидат одговорни и совесни;
o да имаат развиено чувство за праведност и еднаквост;
o да умеат да слушаат и да комуницираат со своите врсници;
o да покажуваат интерес за ученичко учество и иницијативност;
o да бидат подготвени да соработуваат со ученичкиот парламент, стручната служба и другите училишни структури;
o да ја почитуваат доверливоста на информациите што ќе ги добијат во рамки на својата функција.
5. НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Заинтересираните кандидати треба да достават:
1. пополнет формулар за кандидатура, и
2. мотивационо писмо,
до стручната служба на ООУ „Братство Единство“ – Охрид.
Пријавите треба да се достават најдоцна до 15.10.2026 година.
Формуларите за пријавување ќе им бидат достапни на заинтересираните ученици преку училиштето.
По спроведувањето на постапката за избор, избраниот ученички правобранител и неговите заменици потпишуваат изјава за одговорност и почитување на обврските при спроведувањето на активностите во рамки на својот мандат.
Изборот на ученички правобранител и заменици има за цел да обезбеди активно учество на учениците во креирањето на безбедна, инклузивна, демократска и поддржувачка училишна средина во која секое дете ги знае, ги ужива и ги штити своите права.
ООУ „Братство Единство“ – Охрид Одговорно лице:
Сара Томовска
стручен соработник – лиценциран психолог
Дел. бр. 08-741/2
Од 07.10.2026